Дарко Панчев, Путин и кинеските поплави
МАКЕДОНИЈА - За време на дводневната посета на Скопје, српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна и со македонската и некогашна југословенска фудбалска легенда Дарко Панчев. Вучиќ, заедно со премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, учествуваше на Економскиот форум за регионална соработка Скопје 2021 на кој идејата за Мал Шенген стана иницијатива Отворен Балкан.
МАЛТА - Независната истрага за убиството со автомобил-бомба на антикорупциската новинарка од Малта, Дафне Каруана Галиција откри дека Владата мора да сноси одговорност откако создала култура на неказнивост во земјата. Каруана Галиција беше убиена додека излегуваше од својот дом на 16 октомври 2017 година.
ГЕРМАНИЈА - Германските власти соопштија дека се пронајдени три тела во урнатините на инсенератор за ѓубре кој експлодираше во фабрика за хемикалии во западна Германија претходно оваа недела, со што бројот на жртвите се зголеми на најмалку пет.
ГРЦИЈА - Грчките јужни егејски острови се обележани со темноцрвена боја на картата на Европскиот центар за превенција и контрола на болести по порастот на инфекциите на Ковид-19, што значи дека сите основни патувања од и до регионот не се препорачливи. Кластерот од 13 острови ги вклучува најпопуларните грчки дестинации за странски туристи како Миконос, Санторини и Родос, кои заедно привлекуваат милиони луѓе секое лето.
РУСИЈА - Русија соопшти дека сака Велика Британија и Франција да бидат дел од пошироките разговори за контрола на нуклеарното оружје со САД, откако Вашингтон го повтори барањето на вклучување на Кина во преговорите.
КОСОВО - Косовската Влада соопшти дека не ја поддржува иницијативата за Отворен Балкан, иницирана од премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на денешниот Регионален економски форум во Скопје. Во писмена изјава до медиумите на групацијата Коха се наведува дека иницијативата е без визија за регионот.
КИНА - Бројот на настрадани од поплавите кои ја зафатија провинцијата Хенан во централна Кина порасна на 99, соопштија денеска властите. Во главниот град на провинцијата Женгжу, каде пред девет дена падна рекордна количина дожд беа поплавени тунелите од подземната железница, при што загинаа 14 луѓе.
МАКЕДОНИЈА - Под влијание на многу топла воздушна маса од југ до 6 август продолжува периодот на стабилно и исклучително многу топло време со натпросечни температури за овој период од годината. Aктивирано e портокалово ниво на опасност од високи температури, а вредноста на УВ индексот изнесува 9.
МАКЕДОНИЈА - Собранието денеска ја усвои Резолуцијата за одредување на црвените линии во разговорите со Бугарија. Резолуцијата, која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, беше донесена речиси едногласно - со 95 гласа ЗА, со само еден воздржан и ниту еден глас против. Собранието ги усвои и измените на законот за државјанство.
ТУРЦИЈА - Најмалку тројца луѓе загинаа, а десетици се во болница поради последици од шумскиот пожар кој ветерот го донесе до зградите во летувалиштето Манагват кај Анталија, на југот на Турција, соопштија властите.
МАКЕДОНИЈА - Иницијативата за регионална соработка Мини Шенген, во која се опфатени Србија, Македонија и Албанија, од денеска има ново име - Опен Балкан, соопштено е денеска на состанокот на премиерите на Македонија и Албанија, и претседателот на Србија, Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ во Скопје. Тројцата државници денеска учествуваат на Економскиот форум за регионална соработка Скопје 2021.