Бугарската Влада ја продолжи вонредната ситуација до крајот на август

Вакцинација во Софија, јули 2021

Привремената бугарска Влада денеска одлучи да го продолжи рокот на вонредната епидемиолошка состојба во земјата, од 1 до 31 август 2021 година, јави дописникот на МИА од Софија.

Во возрасната класификација на случаите меѓу населението се забележува намалување на бројот на заразените во сите групи, иако во последните неколку дена има зголемување на 14-дневната инциденца кај лица под 39 години и постарите од 90 години.

Како што објавија бугарските власти, до 18 јули во земјата со прва доза на вакцина против Ковид-19 биле покриени само 18,1 отсто од населението, а целосно ревакцинирани се – 16,2 отсто, што земјата ја сместува на последното место меѓу земјите на ЕУ.

Бугарија се наоѓа на седмото место во светот според смртност од Ковид-19 и е 67-ма по 14-дневна смртност.

Властите во Бугарија имаат за цел да го задржат регистрираниот пад на бројот на заразени во земјата, како и да го подготват јавниот здравствен систем за одговор на можниот нов пандемиски бран на Ковид-19.