Родители во барови, талибанци во Кина...
МАКЕДОНИЈА - На подрачјето на Дебар, СВР Охрид спроведе превентивна кампања Соседска патрола. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, изјави дека целта на кампањата е родителите да видат каде нивните деца излегуваат, како и во каков амбиент младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се проблемите кои можат да се случат во текот на ноќните забави и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.
ЈАПОНИЈА - Регионот на Токио бележи дневен рекорд од 3177 нови случаи на ковид19, но само 16 од нив се поврзани со Олимписките игри кои се одржуваат во јапонскиот главен град.
РУСИЈА - Руската полиција изврши претрес во домот на Роман Доброхотов, уредник на истражувачкиот интернет сајт Инсајдер, само неколку дена откако медиумот беше ставен во контроверзниот регистар на странски агенти.
МАКЕДОНИЈА - Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како Титаник 3, ги уважи жалбите на обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими и ја укина првостепената пресуда.
КИНА - Талибанците соопштија дека деветчлена нивна делегација предводена од Мула Абдул Гани Барадар, коосновач на милитантната група, била во Пекинг на разговори со кинеските власти.
БЕЛОРУСИЈА - Судот во Белорусија го означи телевизискиот канал Белсат како екстремистички што се смета за уште една постапка насочена против медиумите и граѓанското општество. Телевизијата Белсат е основана во Полска. Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека парични казни или затвор може да добие секој кој споделува информации од Белсат, медиум кој е популарен извор на вести кај оние кои се против владењеето на долгогодишниот белоруски политичар Александар Лукашенко.
МАКЕДОНИЈА - Владата на Република Северна Македонија донесе одлука на македонскиот претставник на Олимписките игри во Токио кој се освои сребрен медал во дисциплината таеквондо Дејан Георгиевски да му биде доделена парична награда во висина од 20 000 евра, а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени десет илјади евра, сооптшија од владината прес служба. Георгиевски ќе добие и 10 илјади евра од Агенцијата за спорт и млади.
МАКЕДОНИЈА - Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на својата официјална Фејсбук страни објави дека договорил соработка за локалните избори со претседателот на ДПА, Мендух Тачи. Тој напиша дека СДСМ и ДПА ќе соработуваат и реципрочно ќе се поддржат во повеќе општини.
МАКЕДОНИЈА - Македонскиот премиер Зоран Заев денеска и утре во Скопје ќе се сретне со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, во рамките на иницијативата за соработка позната како мини Шенген. Тие ќе учествуваат на Економскиот форум за регионална соработка организиран од Стопанските комори на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија.