Последен ден од собраниската расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот

Седница на Собранието на С. Македонија

Собранието денеска напладне, во рамките на 47 седница, треба да ја продолжи општата расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот. Во текот на вчерашниот ден пратениците повторно ги спротивставија ставовите – оние од СДСМ повторија дека ребалансот е развоен и ќе овозможи инвестиции, а нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ дека е за предизборен поткуп и ќе поттикне нови непродуктивни трошења. Во дополнетиот ребаланс се вметнати осумте амандмани усвоени на Комисијата за финансирање и буџет. Општата расправа почна во четвртокот, а може да трае пет дена. Според министерот за финансии Фатмир Бесими, предложениот ребаланс ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети.

Бесими за ребалансот - Здрави луѓе и здрава економија клучни цели

Министерот повтори дека здравјето на граѓаните, економијата, финансиите и општество воопшто остануваат клучни приоритети за оваа година. На дневен ред на 47-та седница, по Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2021 година, се уште 46 точки. Втора точка е Предлог-резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, која првично требаше да биде разгледана како деветта.