Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши шефот на вооружените сили на Украина, потег што се случува во време кога Киев бара поблиски врски со НАТО. Украинските сили седум години војуваат против проруските сепаратисти во источна Украина.
Портпаролот на претседателот Серхиј Никифоров денеска рече дека генерал Руслан Хомчак ќе биде заменет од генерал Валери Залужни како командант на околу 250 илјади војници од активниот состав на украинската армија.
Тој рече дека одлуката за смена е на Зеленски. Никифоров рече дека разрешувањето е обид да се смири конфликтот меѓу Украинските вооружени сили и Министерството за одбрана.
„Володимир Зеленски нема сомнеж за патриотизмот, лојалноста и професионализмот на Руслан Хомчак, рече Никифоров.
„Сепак, претседателот сака да биди синергија меѓу Министерството за одбрана и Вооружените сили на Украина. За жал, не гледаме таква синергија. Напротив, гледаме конфликт“, рече тој.
Залужни претходно беше на чело на Украинската северна команда.
Во борбите меѓу украинските сили и проруските сепаратисти од април 2014 година досега загинаа повеќе од 13200 луѓе.
Зеленски го повика НАТО да каже јасно „да“ или „не“ за деталниот план за украинското зачленување во трансатлантската алијанса. Москва неодамна рече дека украинското членство во НАТО е „црвена линија“.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден минатата недела соопшти дека Зеленски ќе ја оствари својата прва, долгоочекувана посета на Вашингтон на 30 август, додека Конгресот е на летен одмор.
Група американски пратеници ја повикаа администрацијата на Бајден да ја презакажат посетата за и Конгресот да има можност да се сретне со Зеленски.