Во Израел првпат од март повеќе од 2000 новозаразени во еден ден

Луѓе во ресторан во Тел Авив откако беа укинати рестриктивните мерки

Министерството за здравство на Израел денеска соопшти дека во изминатото деноноќие се регистрирани над 2000 случаи на коронавирус, што е најголема бројка од март. Направени биле над 90 илјади тестови, а стапката на позитивни од тестирани е 2,32 отсто.

Според податоците на Министерството, 10 отсто од позитивните допатувале од странство. И покрај препораките на владата да не се патува без крајна нужда, Меѓународниот аеродром Бен Гурион во Тел Авив е преполн со патници.

Растот на бројот на заразени е поради ширењето на делта-сојот на вирусот во изминатите недели, а повторно се воведени мерки против ширењето кои речиси целосно беа укинати.

Властите ги повикуваат оние кој не се вакцинирале да го направат тоа. Во земјата целосно се вакцинирани 5,3 од 9,3 милиони жители.