Во иднина нападот врз новинари нив ќе се третира исто како напад врз службено лице, a обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи, рече денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.
Дополнително, се воведуваат строги казни и за закана за напад врз новинари.
Маричиќ посочи дека Владата на денешната седница усвоила повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, а ова беше големо барање на Здружението на новинари на Македонија.
Со тие измени, нагласи тој, се предвидуваат конкретни новини со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите, но и медиумските работници, односно снимателите и фоторепортерите. Тој рече дека очекува овие законски измени кои веднаш, како што рече, ќе бидат проследени во Собранието, да бидат усвоени во септември.
Дополнително, посочи Маричиќ, на владината седница поминале и измените на Законот за граѓанска одговорност, каде што има значително намалување на сумата што ќе ја плаќаат новинарите или пак медиумите, ако евентуално изгубат спор за клевета или навреда.
Осврнувајќи се на случајот „Јавна соба“, кога на апликацијата Телеграм се споделуваа интимни фотографии од жени и девојки, Маричиќ рече дека се воведуваат неколку нови кривични дела со кои ќе се обезбеди заштита на жените од сексуално и друг вид вознемирување.