Експлозија во комплекс хемиски фабрики во Германија, има загинати

Експлозија во комплекс хемиски фабрики во Леверкузен

Најмалку едно лице загина, а четири други се водат за исчезнати по експлозијата во индустриско-хемиски парк во западно германскиот град Леверкузен. Во инцидентот повредени се 16 лица.

„Длабоко сме тажни од оваа трагична несреќа и смртта на еден вработен“, се вели во соопштението на оперативната компанија на „Чемпарк“, додавајќи дека „напорите за спасување продолжуваат со полна брзина“ за пронаоѓање на четворицата преостанати работници.

Експлозијата предизвика тревога за „екстремна опасност“ и ги натера официјалните лица да ги повикаат жителите да се засолнат во затворени простории и да ги затворат прозорците.

Во индустрискиот парк Чемпарк се сместени неколку големи хемиски компании, вклучувајќи ги Баер и Ланксес.

Операторот соопшти дека експлозијата се случила во дел од локацијата каде што се согорува отпадот.

Сè уште не е јасно која е причината за експлозијата. Сликите кои беа споделени на социјалните мрежи покажуваат дека од индустрискиот парк излегува чад.
Полицијата во блискиот град Келн објави на Твитер дека затвора неколку автопати во областа Леверкузен поради „голема штета“.

Жителите на областа изјавија дека експлозијата можела да се слушне од голема оддалеченост, а некои велат дека нивните прозорци биле потресени од силината на експлозијата.