Заев: ЕУ кога ќе продолжи со процесот нека ни јави, продолжуваме со европеизација

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека земјата продолжува со европеизацијата дома и оти ги почитува правата на сите граѓани како коментар на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека во Македонија има системско нарушување на човековите права на граѓаните со бугарска самосвест и оти Скопје само мисли дека ги исполнува критерумите за членство во ЕУ.

„Јас реков, тоа е работа на ЕУ кога ќе одлучат да го продолжиме процесот нека ни се јават. Ние во меѓувреме продолжуваме со европеизацијата овде. Имаме сериозни процеси на агендата Европа дома која што значи унифицирање на Царинскиот тарифник, еве денеска на Владата е првата фаза па продолжуваат консултациите каде што сите царини ги изедначуваме на ниво на ЕУ. Тоа е дел од поглавјата, ние веќе го правиме. Во делот на унапредувањето на сите други аспекти во општествениот живот исто така секојдневно работиме, затоа што нашиот пат кон ЕУ всушност значи европеизација овде, на институциите на С.Македонија и на животот на граѓаните на земјава“, рече Заев.

Заев порача дека покажале почит на очиглед на целата јавност и тој се појавил на манифестации од бугарските здруженија кога бил поканет, а бил подигнат и споменик на полковникот Гаранвалиев.

„Дефинитивно мислам дека сме пример и било што претставува забелешка ние сме спремни овде да ја адресираме, но не може политички претставници да повикуваат и да зборуваат за политики и од тука да влечат заклучоци за одредени права или не. Дај да видам колку пати нивните политичари во Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалкубројни заедници во Бугарија. Јас, Пендаровски, Талат Џафери, министрите насекаде сме се појавувале на било кој регион во државата на било какви културно историски и традиционални манифестации, на одредени форуми, конференции… секојпат со респект и почит затоа што тоа се нашите граѓани, тие се граѓани на Република Северна Македонија. Така што најважно на кое што треба да се посветиме е да им овозможиме на младите, на децата, на сегашните генерации да не се мразат, да се сакаат, да се почитуваат, да си помагаат, да си соработуваат. Таа историја денеска што ја пишуваме е најважната историја“, истакна Заев.

Радев вчера на средба во Салцбург со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен, рече дека Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест. Заев претходно истакна дека Уставот на земјава ќе се отвори непосредно пред стапувањето во ЕУ и тогаш ќе се вградат во него и помалите етнички заедници кои живеат во земјава, а не се наведени во највисокиот правен акт во државата.