Жешко време, жешка политика

МАКЕДОНИЈА - Од денеска до крајот на оваа недела времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината, соопшти УХМР.

ИТАЛИЈА - Франција и Грција испратија авиони да помогнат во гасењето на шумските пожари кои зафатија околу 20 000 хектари во италијанската провинција Ористано, на островот Сардинија. Евакуирани се стотици семејства.

КУБА - Соединетите Американски Држави и 20 други земји, меѓу кои и Северна Македонија, ги осудија масовните апсења во Куба и побараa целосно враќање на пристапот до интернет на островот.

РУСИЈА - Рускиот регулатор на медиуми Роскомнадзор ги блокираше интернет страниците на затворениот руски опозициски активист Алексеј Навални во рамки на проширената акција на властите против медиумите и граѓанското општество, а во пресрет на парламентарните избори што треба да се одржат на 19 септември.

МАКЕДОНИЈА - Дадениот рок треба да се искористи за итно делување и подобро менаџирање, вели постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија, Росана Дуџак, по одлуката на УНЕСКО за Охридскиот регион. Меѓународното тело одлучи Охрид да не биде ставен на Листата светски културни и природни богатства во опасност, а следните две години треба да ги исполни зададените обврски.

МАКЕДОНИЈА - Додека е Зоран Заев на власт, дотогаш правдата нема да живее во Република Македонија, рече денеска Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Реакцијата на опозициската партија следува по денешната пресуда за случајот Организатори на 27 април во кој осудени се поранешните државни функционери од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на затворски казни од шест до шест и пол години.

БЕЛОРУСИЈА - Двајца дописници на Белорускиот сервис на РСЕ се ослободени откако поминаа 10 дена во затвор. Тие беа уапсени како дел од казните врз медиумите и граѓанскиот сектор што ги спроведува авторитарниот лидер на Белорусија Александар Лукашенко.

МАКЕДОНИЈА - Во највисокиот ешалон на власта, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција, вели премиерот Зоран Заев, како одговор на тоа дали ќе побара одговорност од вицепремиерот за борба против корупцијата, по објавениот Извештај на Стејт департментот за инвестициска клима за 2021. Во извештајот меѓудругото се нотира и дека корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија.

КИНА - Кинескиот заменик министер за надворешни работи Кие Фенг ѝ кажал на соопштил на високата претставничка на американскиот Стејт департмент Венди Шерман дека главната причина за тензиите во односите меѓу САД и Кина е тоа што некои Американци ја третираат Кина како замислен непријател.

САД - Денеска во Белата куќа се одржа состанок меѓу американскиот претседател Џо Бајден и ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадими за американското воено присуство во Ирак. До ова доаѓа по неколкудневните разговори во Вашингтон меѓу ирачката делегација и претставници на американската администрација.