Премиерот тврди дека нема корупција во највисокиот ешалон на власта

Корупција, илустрација.

Во највисокиот ешалон на власта, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција, вели премиерот Зоран Заев, како одговор на тоа дали ќе побара одговорност од вицепремиерот за борба против корупцијата, по објавениот Извештај на Стејт департментот за инвестициска клима за 2021. Во извештајот меѓудругото се нотира и дека корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија.

Заев вели дека кај министрите и кај директорите не е пронајдена корупција, туку таа е пронајдена во делот на административното функционирање на јавните институции.

Коментирајќи го извештајот на Стејт департментот, премиерот вели дека тоа треба да биде „ветар во грб“ за да се отстрани корупцијата, како девијантна појава што ја има насекаде во светот.

„Нам ни е јасно од страна на Владата по сите анализи заедно со Транспаренси интернешенл, со Стејт департментот, со Европската делегација овде и со многу други граѓански организации го утврдивме нивото на корупција што се случува на трето ниво. Таму каде што граѓаните шалтерски допираат, имотен лист, одобрение за градба, решенија, согласност или слично и ќе го промениме“, рече Заев.

Во извештајот на Стејт департментот се наведува дека големите странски компании кои работат во технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) имаат генерално позитивни искуства и добро соработуваат со властите. Но, сепак, целокупното регулаторно опкружување на земјата останува сложено и честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување погодно за корупција, стои во извештајот. Во него се наведува дека Владата генерално ги спроведува закони, но има бројни извештаи дека некои службеници остануваат ангажирани во коруптивни активности.