Виновни за организирање на настаните на 27 април 2017 година се поранешните функционери Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Тие го загрозиле уставниот поредок и безбедноста и ја повредиле сржта на демократијата, рече судијата Илија Трпков, изрекувајќи ги пресудите. Вељаноски доби казна затвор од шест ипол години затвор, Јанакиески и Ристовски добија шест години и три месеци затвор, а Атанасовски е осуден на шест години затвор.
Овој настан бил планиран за да се задржи власта, рече судијата. Тој е убеден дека со овие казни доволно ќе се влијае врз обвинетите во иднина да не прават вакви дела.
Вељаноски, како поранешниот претседател на Собранието, поранешните министри Јанакиески и Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски се виновни зошто во 2017 изготвиле план да го загрозат уставниот предок, организирале протести, материјално ги помагале, го намалувале бројот на полицајци и презеле мерки за да може луѓе да влезат во Собранието и да извршат насилство.
„Настанот од 2017 е без преседан и се одвиваше пред очите на јавноста и на целиот свет. Тоа е голем удар врз демократијата“, рече судијата Трпков.
За овој случај недостапни за судот останаа некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој, како што рече судот ги повикал преку медиумите граѓаните да излезат на улица и поранешниот вработен во УБК Никола Бошковски. За нив постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење.