Собранието на Република Северна Македонија, во рамките на 47-та седница, денеска ќе ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот за 2021 година. Во досегашната расправа пратениците од опозицијата рекоа дека ребалансот на Буџетот не е развоен, дека се кратат капиталните расходи, а се зголемуваат материјалните трошоци. Тие забележаа дека Владата води погрешни економски политики, која ќе ги донесе граѓаните да бидат најзадолжени во историјата, а економијата да биде во најголема криза. Претходно, министерот за финансии Фатмир Бесими, посочи дека капиталните инвестиции главно се зголемуваат во буџетската структура и стигнуваат до 11,1 процент за разлика од претходните девет години кога биле 9,5 проценти.
Бесими за ребалансот - Здрави луѓе и здрава економија клучни цели
Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, повисоки во однос на планот, а планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Во ребалансот е предвидено да има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.