Затворени аеродромите во Шангај во очекување на тајфун

Илустрација: Аеродром во Шангај

Меѓународните аеродроми во Шангај ги откажаа сите летови, а властите за денеска ги забранија надворешните активности во очекување на тајфунот Ин-фа.

Според прогнозите, тајфунот денеска попладне треба да ја погоди провинцијата Џедјанг, јужно од Шангај, а се очекува да падне од 250 до 350 милиметри дожд, објави националната метеоролошка служба.

„Луѓето не би требало да излегуваат надвор ако не мораат“, наведува службата.

Тајфунот со ветар од 155 до 191 километри на час веќе донесе дожд во Тајван и кршеше гранки на дрвјата, но не се пријавени смртни случаи.
Стотици летови од двата меѓународни аеродроми во Шангај се откажани, а се очекуваат и нови откажуваат в понеделник, објави државната телевизија.

Во Шангај се затворени парковите и шеталиштето Бунд, омиленото место на туристите.

Меѓународниот аеродром во Хангџоу, југозападно од Шангај, исто така ги откажа летовите.

Откажан е и железничкиот сообраќај до пристаништето Нингбо, јужно од Шангај, како и мостот кој го поврзува градот со блиските острови.

Претходно беше наредено затворање на училиштата, продавниците и пазарите.

Големите товарни бродови се преместени од шангајското пристаниште, еден од најпрометните поморски центри.

Во меѓувреме, бројот на загинати после поројните дождови кои во саботата го погодија градот Џенгџоу во централна Кина се искачи на 58, јави државната телевизија.

Дождот го поплави тунелот на подземната железница, каде што настрадаа 12 луѓе, болниците и други објекти останаа без струја, а улиците се покриени со кал.

Спасувачите користат булдожери и гумени чамци за евакуација на жителите од областите кои беа под вода.