Најмалку 76 загинати во поплавите во Индија

Поплави во Индија

Најмалку 76 луѓе загинаа во свлечишта и поплави предизвикани од монсунските дождови во западна Индија, соопштија денеска локалните власти.

Владата на индиската држава Махараштра наведе дека најмалку 59 луѓе се водат како исчезнати.

Спасувачите денеска ја пребаруваат калта и урнатините во потрага по преживеани.

Морнарицата и воздухопловните сили помагаат во спасувањето на илјадници луѓе погодени од поплавите, но спасувачките операции се отежнати поради свлечиштата кои пресекоа многу патишта, особено автопатот меѓу Мумбаи и Гоа.

Дождот кој непрекинато врнеше 24 часа доведе до излевање на реката Вашипти. Некои делови од местото Шиплун на 250 километри од Мумбаи се поплавени со 3,5 метри вода.
Морнарицата организираше седум тимови за спасување опремени со гумени чамци и појаси за спасување за погодените подрачја, како и специјализирани хеликоптери за спасување луѓе.

Индиската метеоролошка служба прогласи црвен метео-аларм за повеќе области во таа држава, зашто се очекува дождот да продолжи да паѓа и во наредните денови.
Катастрофите предизвикани од свлечишта и поплави се честа појава во Индија во монсунската сезона од јуни до септември.