Награди и казни

МАКЕДОНИЈА - Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска од куќен притвор е спроведена во затворот во Идризово. Јанева е осудена на седум години затвор за случајот Рекет.

БУГАРИЈА - Дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да продолжи и во иднина, за остварување на единствената и заедничка цел- земјата да започне преговори со ЕУ, изјави денеска вршителот на должноста, бугарски министер за надворешни работи Светлан Стоев. Тој рече дека емоциите се пречка, треба да се гради прагматична политика меѓу Бугарија и Северна Македонија.

МАКЕДОНИЈА - Најмалку 36 луѓе загинаа во свлечишта предизвикани од силните монсунски дождови во западна Индија, соопштија локалните власти.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски денеска додели Ордени за заслуги. Постхумно беа одликувани драматургот Горан Стефановски, уметникот Зафир Хаџиманов и професор Ремзи Несими, основоположник на високото образование на албански јазик во земјава. Орден за заслуги доби и стопанственикот и Живко Мукаетов.

ТУРЦИЈА - Брод со 45 мигранти потона во Егејското Море во близина на турскиот брег, а спасувачките екипи се на терен, соопшти турското Министерство за одбрана. Во акцијата за спасување учествуваат два брода и еден авион.

БИХ - Одлуката со која Валентин Инцко, високиот претставник во БиХ во заминување, наметна измени и дополнувања на Кривичниот законик на БиХ со кои се забранува и казнува негирањето на геноцидот и величање на воени злосторници, покажува дека тој е типичен србомразец и веднаш велам дека Република Српска тоа го отфрла, рече Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ на прес-конференција во Бања Лука.

ГРЦИЈА - За секој термин што ќе го закажат за вакцинација, фармацевтите и лекарите ќе добиваат по 10 евра, за секоја вакцинација во неговата приватна ординација, лекарот ќе добива по 20 евра, а 50 евра ќе добие лекар доколку вакцинира лице во домашни услови, се новите бонуси за поттикнување на процесот на имунизација во Грција кои ги соопшти министерот за здравство Василис Кикиљас.

МАКЕДОНИЈА / ЕУ - На денешната средба на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ ќе го покренеме и прашањето за пристапување и проширување на Унијата, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров пред почетокот на неформалниот состанок на ГАК, што се одржува денеска под словенечко претседателство во Брдо кај Крањ.

МАКЕДОНИЈА - Судот денеска ги прогласи за невини поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешниот командир на полициската единица Алфа Ивица Анчевски и петмина припадници на едницата, кои беа обвинети во случајот Тортура за апсењето на политичарот Љубе Бошкоски.

ЦРНА ГОРА - Поради непочитување на епидемиолошките мерки во Црна Гора и зголемениот број новоинфицирани од денеска до 2 август властите ќе воведат привремена забрана за работа на ноќни клубови и дискотеки.