Мароко демантира дека го користел израелскиот софтвер за да ги шпионира Французите

Седиштето на Организацијата НСО група

Владата на Мароко ги демантира извештаите дека безбедносните сили на таа земја можеби го користеле шпионскиот софтвер на израелската група НСО за да ги прислушуваат телефоните на францускиот претседател Емануел Макрон и други јавни личности.

Францускиот весник Ле Монд објави дека мобилните телефони на Макрон и 15 членови на француската влада би можеле да бидат потенцијална мета на надзор во 2019 година со помош на софтверот Пегаз во име на мароканската безбедносна агенција.

Радио Франс објави дека и телефоните на мароканскиот крал Мухамед Шести и на членовите на неговата придружба исто така биле меѓу потенцијалните мети.
„Кралството Мароко остро ја осудува непрекината лажна, масовна и злонамерна кампања на медиумите“, пишува во соопштението.

Владата во рабат наведува дека „ги отфрла тие лажни и неосновани обвинувања“ и дека бара да се „пружат опипливи и материјални докази за тие надреални приказни“.

Медиумите идентификувале можни мети од листата од над 50 илјади броеви на мобилните телефони со кои дошла непрофитната новинарска организација Забранети приказни со седиште во Париз и организацијата на човекови права Амнести интернејшнал.

Иако бројот на листата не значи дека имало обид за хакирање на телефонот, медиумите вклучени во истрагата изразија уверување дека тоа укажува на потенцијални мети на клиентите на групата НСО.

Француското обвинителство отвори истрага за наводна употреба на шпионскиот софтвер.

Групата НСО реагира дека извештајот на „Забранети приказни“ е полн со погрешни претпоставки и неосновани теории.