ВМРО-ДПМНЕ бара избори на 17 октомври, за ДУИ е прифатлив кој било датум

ВМРО-ДПМНЕ очекува партиите да го почитуваат законскиот и уставен рок и на 17 октомври да се одржи првиот круг од локалните избори, изјави денеска пратеникот на оваа опозициска партија Антонијо Милошоски во врска со предлогот на премиерот Зоран Заев локалните избори да се одржат на 30 октомври.

„Локалните избори не се определуваат за желбата на кој било политичар, било и тој да е премиерот. Локалните избори се одржуваат во точно определен термин според Уставот и законот, а уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври првиот круг, посочи Милошоски“, на денешната прес-конференција.

Тој рече дека се друго значи прекршување на Уставот и законите, додавајќи дека „внатрепартиските и меѓукоалициските пресметки во ДУИ, СДСМ, БЕСА и помалите партии не треба да бидат проблем за државата и за граѓаните“ и да бидат изговор изборите да не се одржат на 17 октомври.

За ДУИ пак е прифатлив кој било датум за локалните избори за кој ќе се договорат политичките партии.

„Kога политичките партии имаат проблеми со датумите повеќе тоа ми личи дека имаат проблеми со самодовербата за исходот на изборите. Ние во овој случај немаме таков проблем. Така да, било кој датум што ќе го одлучат политичките партии по однос на одржување на изборите за нас е прифатлив. Дали 17, дали 31 октомври, за нас се прифатливи датуми“, изјави шефот на дипломатијата и член на ДУИ Бујар Османи.

Запрашан дали ДУИ размислува да ја напушти Владата ако нема поддршка од СДМС на локалните избори, Османи вели нема такво нешто.

Инаку овие реакции следуваат откако премиерот Зоран Заев вчера предложи локалните избори да се одржат на 31 октомври за да не се совпадне со кампањата за пописот на населението, кој првично требаше да се одржи пролетта, но се одложи за есенва поради тогаш големиот број заразени со Ковид19.