Црна Гора ја врати првата рата од кредитот на кинеската банка

изградба на приоритетната делница на автопатот Бар-Болjаре, Црна Гора

Црногорската влада веќе и ја исплатила првата рата од кредитот во износ од скоро 28 милиони евра на кинеската банка ЕКСИМ за изградба на приоритетната делница на автопатот Бар-Болjаре, потврдија за Радио Слободна Европа од Министерството за Финансии и социјална помош (МФСС). Рокот за плаќање истекува денеска.

„Црна Гора плати 27, 79 милиони евра (главница и камата) во евра, а банките од хеџинг аранжманот и платија на државата износ од 37,44 милиони долари (главнина и камата), кои беа пренасочени кон кинеската банка“, соопшти министерството.

Првично, за изградба на приоритетната делница на црногорскиот автопат Бар-Болjаре од 41 километар, Црна Гора позајми 809 милиони долари од кинеската банка ЕКСИМ за период од дваесет години и дополнителни 90 милиони за пристапни патишта.

Министерството за финансии и социјална помош склучи аранжман за хеџинг на 8 јули, со цел да се заштити јавниот долг на Црна Гора од валутен ризик со две американски и две европски банки. Како што изјави министерот за финансии Милојко Спајуќ за агенција Мина, тоа се американските банки Мерил Линч Интернационал и Голдман Сакс Интернационал, француската Сосиете Женерал и германската Дојче банка.

Со склучување аранжман за хеџинг, Црна Гора ја намали каматната стапка на заемот кон банката ЕКСИМ од два процента во долари на 0,88 проценти во евра. Така, годишната заштеда ќе изнесува осум милиони евра, соопштија од Министерството. Втората рата за автопатот доспева во јануари 2022 година.

Европската унија (ЕУ), која во последниве години постојано предупредуваше на опасностите од заемите земени од Црна Гора од кинеските банки, на крајот на март изрази подготвеност „да и помогне на Црна Гора да најде решение за отплата на долгот“.

Ова беше објавено откако вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, побара помош од ЕУ пред членовите на Европскиот парламент во Брисел на 17 март годинава, наведувајќи дека Кина врши влијание преку доделениот заем за делница од автопатот.