Протест под мотото „имам право на достоинствен живот“

Скопје- протест пред Собранието под мотото „Имам право на достоинствен живот“

Неколку десетици луѓе денеска излегоа во Скопје и во Битола во знак на поддршка на лицата со попреченост кои повикаа на протест под мотото „имам право на достоинствен живот“.

Во Скопје насобраните протестот го почнаа пред Владата, а го завршила пред Собранието.

„Мора да ни ги дадат правата што ги бараме, повеќето од нив се основни човекови права, значи право да излеземе надвор, право да живееме, не бараме ништо, никакви услуги“, рече пејачката Ребека Јанковска Ристевски и самата мајка на дете со попреченост.

Насобраните најавија дека утре ќе ги достават своите барања до Владата, а потоа ќе заминат во Жена парк спроти собранието каде што ќе останат во импровизиран камп се до остварување на нивните права.

„Дали некој мисли на нас во оваа држава или служиме само за сликање во кампањи кога политичарите ни ветуваат подобар живот, а час подоцна забораваат на нас. Веројатно не не гледате често надвор затоа што немаме инфраструктура по која може ние слободно да одиме. Ние, лицата со попреченост, или подобро би рекла, лица со ограничени можности, не сакаме да живееме од милосрдие, не сакаме да не гледате со жалење, сакаме да живееме достоинствен живот и да имаме еднаков третман“, рече Бранкица Димитровска, една од организаторите на протестот.

Инаку, пред протестот денеска од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека инклузијата на лицата со попреченост е врвен нивни приоритет и дека за таа цел преку повеќе проекти работеле на унапредување на правата и положбата на лицата со попреченост.