Заев, Трифонов, талибанците и милијардерите

ГРЦИЈА - Поради задолжителната вакцинација за специјалната единица за справување со катастрофи (ЕМАК) на грчката противпожарна служба, воведена на средината на мај, 54 невакцинирани пожарникари ќе бидат преместени во други служби и нема да можат да останат на нивните места, јави дописничката на МИА од Атина.

МАКЕДОНИЈА - Секогаш пред изборите партиите преговарале за датумот на одржување на изборите и за препораките на ОБСЕ и ОДИХР, а тоа што Зоран Заев денеска изнесува датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите партии уште еднаш го потврдува фактот дека стравува од одржување на локалните избори и бара начин истите да ги одложи, рече денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева. Заев претходно го предложи 31 октомври како датум за локални избори.

ТАЏИКИСТАН - Од лизгање на земјиште до кое дојде по силните дождови во Таџикистан загинаа десет луѓе меѓу кои и четири деца. Министерството за вонредни ситуации соопшти дека од лизгањето на земјиштето биле погодени селата Дашти Кози и Киштудак доцна вчера, а спасувачката мисија се одвива денеска. 

ЦРНА ГОРА - Тим на црногорската царина за спречување на криумчарењето во соработка со полицијата ќе изврши претрес на сите хангари на магицините за складирање цигари во пристаништето во Бар во Црна Гора, потврди за Радио Слободна Европа Радован Џуришиќ, раководител на Основното јавно обвинителство во тој град. Надлежниот суд пак на барање на обвинителството издаде наредба за земање на снимките од видео надзорот на одредени објекти на пристаништето.

САД - Основачот на Амазон, американскиот бизнисмен Џеф Безос денеска одлета во вселената што беше и прв лет со човечки екипаж во леталото. Со него беа тројца- неговиот брат, 18 годишник од Холандија и 82 годишна жена од Тексас, пионерка во авијатиката.

РУСИЈА - Руски тенкови се распоредени во близина на авганистанско-таџикистанската граница во пресрет на воените вежби најавени за наредниот месец. Москва најави воени маневри и во соседен Узбекистан во време на зголемени безбедносни проблеми во Централна Азија додека талибанците освојуваат сè поголеми територии во северен Авганистан.

БУГАРИЈА - Еден ден пред првата седница на новоизбраниот бугарски Парламент, Демократска Бугарија и Има таков народ веќе водат неформални разговори, изјави за Нова ТВ копретседавачот на сојузот Христо Иванов.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека сме една од првите земји во процесот на ресоцијализација на членови на семејствата и на повратници борци на терористичката група Исламска држава. Таквата ресоцијализација за борците е уследи откако првин ќе одлежат затворски казни, кои се високи по стандардите на државите сојузници, изјави Заев.

ФРАНЦИЈА - Франција отвори истрага по наводите дека се шпионирани истражувачки новинари преку израелска програма за набљудување.