Заев предложи локални избори на 31 октомври, ВМРО-ДПМНЕ тврди се крши Уставот

Архивска фотографија- гласање на локални избори во Скопје

Секогаш пред изборите партиите преговарале за датумот на одржување на изборите и за препораките на ОБСЕ и ОДИХР, а тоа што Заев денеска изнесува датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите партии уште еднаш го потврдува фактот дека стравува од одржување на локалните избори и бара начин истите да ги одложи, рече денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.

„Исто така, Уставот е над се и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно, согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври“, рече Митева.

Премиерот Зоран Заев денеска рече дека предлага локалните избори да се одржат на 31 октомври за да не се совпадне со кампањата за пописот на населението, кој првично требаше да се одржи пролетта, но се одложи за есенва поради тогаш големиот број заразени со Ковид19.

Портаролката на ВМРО-ДПМНЕ Митева додаде дека ако аргументот на Заев бил одржувањето на пописот, тогаш пребројувањето на населениото можело да се одложи за ноември и со тоа би бил испочитуван Уставот.