Бајден го ослободи првиот затвореник од Гвантанамо во својот мандат

илустрација

Администрацијата на Џо Бајден премести еден од затворениците во американскиот воен затвор во заливот Гвантанамо, што е прв ваков потег откако тој ја презеде функцијата.

Педесет и шестгодишниот Мароканец Абдул Латиф Насир кој е во затворот од 2002 година, беше ослободен уште во 2016 година, но и покрај тоа остана во затвор, во текот на целиот мандат на Трамп. Сега е вратен во својата земја.

Уште 39 затвореници останаа во затвор. Повеќето од нив се притворени скоро две децении, иако не биле обвинети или судени.

Заливот Гвантанамо е наменет за странците осомничени по нападите на 11 септември и е основан како симбол на американската „борба против тероризмот“. Тој е постојана мета на критики за методите на испрашување на затворениците. За време на четиригодишниот мандат, поранешниот претседател Доналд Трамп го одржа затворот во функција, но Бајден вети дека ќе го затвори објектот.

Затворот беше отворен за време на претседателот Џорџ Буш и во еден момент броеше околу 800 затвореници, пред да започне да се намалува популацијата. За време на мандатот на Барак Обама, бројот на затвореници дополнително се намали, но неговите напори да го затвори озлогласениот објект беа попречени од републиканската опозиција.

Законите сè уште ја забрануваат федералната влада да преместува некој од затворениците на американско копно. Иако Демократската партија на Бајден во моментов го контролира Конгресот, мнозинството што го има е толку слабо, што промената на законот ќе претставува огромен предизвик, бидејќи дури и некои демократи би можеле да се спротивстават на тоа.