Македонија од четврток на зелената листа на Кипар

Кипар, Голден бич

Од 22 јули македонските државјани ќе можат да патуваат на островот Кипар без никакви ограничувања, односно без тест или карантин, откако Северна Македонија е преместена од портокаловата во зелената листа за патување на Кипар.

Согласно новата категоризација на земјите, односно „Процената на епидемиолошкиот ризик на земјите во врска со Ковид-19“, објавена денеска од кипарското Министерството за здравство, Северна Македонија, заедно со Канада и Србија, од втората, преминуваат во првата категорија.

Земјите се поделени во три зони во зависност од епидемиолошката слика: зелена, портокалова, црвена и за секоја од нив важат посебни правила, а државите кои не се во некоја од овие листи се во сивата зона.

Од 8 јули 2021 година Северна Македонија се најде во портокаловата зона и задолжителен беше негативен ПЦР тест направен 72 часа пред заминувањето, откако беше преместена од третата, црвената категорија. Од земјите од регионот, Бугарија и Србија се во зелената категорија, Грција во портокаловата, а Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во последната, црвена зона.

Во однос на вакцинираните посетители, како што пренесува МИА, од Министерството за здравство на Кипар соопштуваат дека ослободени од задолжителниот негативен тест или карантин, се туристите кои поседуваат сертификат за вакцинација издаден од земјите-членки на ЕУ, на Европската економска зона, од Швајцарија, Израел, Русија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Украина, Јордан, Либан, Египет, Белорусија, Србија, Катар, Бахреин, САД, Ерменија, Грузија, Канада и Кувајт.

Но потребно е и да се поминати 14 дена од ревакцинацијата со една од вакцините одобрени од Европската организација на лекови (Фајзер, Модерна, Астра Зенека и Џонсон) или со Спутник В или Синофарм. Новите одлуки стапуваат во сила на 22 јули 2021 година.