Најмалку 28 луѓе загинаа при судар на автобус со камион во Пакистан

Пакистанските власти денеска соопштија дека при сообраќајна незгода загинале најмалку 28 луѓе, а повредени се 40. Станува збор за судар на патнички автобус со камион во провинцијата Пенџаб. Голем дел од загинатите и повредените се работници кои работеле во индустрискиот град во таа провинција и кои се враќале дома за да го прослават претстојниот муслимански празник Курбан Бајрам.

Полицијата соопшти дека дел од повредените во сообраќајната незгода се во критична здравствена состојба. Истрагата за несреќата се уште трае.
Сообраќајни незгоди со смртен исход се честа појава во Пакистан поради лошите патишта, неодржуваните возила и непочитување на сообраќајните закони, при што годишно умираат илјадници луѓе.