По силното невреме што денеска го зафати Охрид, 13 лица се пожалиле на повреди при удар на гром на плажата „Оревче“ на брегот на Охридското езеро. Од СВР – Охрид за Радио Слободна Европа потвруваат дека во полицијата било пријавено дека од удар на гром се пожалиле 13 лица на повреди и тие се веќе во охридската болница. Од пријавените кај 4 лица се утврдени изгореници на екстремитетите од помал обем, додека другите се пожалиле на претрпен шок, страв, тахикардија и проблеми со слухот.
Дел од повредените биле пренесени во болница со возила на брза помош, а дел се јавиле на лекар самостоjно. Повредените се од различни градови од земјава.
Во Охридскиот регион и денеска имаше краткотрајно невреме проследено со врнежи од дожд, град, ветар и електрични празнења.
Од тимот на плажата „Оревчче“ на својот фејсбук профил напишаа дека во врска со немилиот настан на плажа Оревче според очевидците, громот удрил во езерото на неколку метри од брегот.
„Полесно беа повредени неколку гости кои седеа на три до пет метри од водата. Во моментот на громот воопшто немаше невреме или дожд, па затоа ништо не навестуваше дека ќе има таков силен удар. Веднаш реагираше спасувачот ангажиран од наша страна преку Црвениот крст Охрид, а да помогнат притрчаа и дел од гостите кои останаа присебни. За неколку минути паниката беше смирена, а неколкумина со лесни изгореници заминаа на лекарски преглед“ е напишано на фејсбук страната на плажата Оревче.
Со оглед на лошите временски услови денеска на плажата немаше многу гости, а беше откажан и настапот на диџеите, велат од тимот на Оревче додавајќи дека жалат за немилиот настан.
Претходно Центарот за управување со кризи упати апел за превентивни мерки поради најавите за невреме и поројни врнежи, силен ветер, грмежи и електрични празнења во наредниот неколкудневен период.
„Конкретно, покрај препораката за градоначалниците и субјектите во Системот за управување со кризи за преземање превентивни мерки, неодминливо е да се апелира и до сите граѓани да не се движат покрај речни корита и суводолици (за време и по локално невреме), заради можни брзи и ненадејни порои, да престојуваат и да се засолнуваат во простори што се на пониско ниво и може да бидат поплавени и секако, во случај на појава на грмежи и електрични празнења се препорачува поголема внимателност – да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја,“ се вели во соопштението на ЦУК.
Временска прогноза: Пороен дожд, грмежи и засилен ветер
УХМР денеска најави дека се очекува променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, чести електрични празнења, силен ветер, над 70 километри на час и услови за појава на град.