ДКСК: Пендаровски да не го потпише Законот за градба на автопати без тендер

Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) своето мислење по однос на Предлог – законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридор 10 Д, кој вчера беше усвоен по скратена постапка, ќе го упати до шефот на државата Стево Пендаровски и ќе бара од претседателот Пендаровски да не го потпише овој указ, но доколку го потпише, најави, ќе биде даден на Уставен суд.

Ова го соопшти на денешната прес-конференција претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, која укажа дека ставот на ДКСК, по извршена антикорупциска проверка, е дека овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно.

Донесен закон за изградба на автопати без тендер

Од Антикорупциска се категорични дека ќе ги користат сите алатки што се овозможени во системот да ги употребат во вакви случаи и нема да се откажат. Според Ивановска, охрабрува тоа што претходниот пат кога Пендаровски, како што рече, покажа зрелост да не го потпише Законот за правен статус на бесправно изградени објекти и како што рече, „ако е во функција на одбрана на својот интегритет, очекуваме и овој Закон да не го потпише бидејќи има сериозни уставни прекршувања“.

„Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставни работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава“, рече претседателката на ДКСК.

Законот што вчера го усвои Собранието, на предлог на група пратеници, е конкретна реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за којшто власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.

Со предложеното законско решенија сe уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10Д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.