Во Албанија приведени 400 лица за поседување на оружје без дозвола

Секој што во Албанија ќе се движи со оружје без дозвола ќе биде уапсен, изјави денеска генералниот директор на албанската полиција Арди Велиу. Тој на денешната прес конференција посочи дека само во првите 5 месеци од оваа година полицијата запленила 500 парчиња оружја од различен калибар, додека за поседување оружје без дозвола приведени се 400 лица.

Во повеќето случаи, полицијата запленила старо оружје, кое било украдено од воените магацини за време на мартовските немири во 1997 година.
Но, според дел од албанските медиуми кои се повикуваат на полициски извори, годинава се запленети и понови модели на оружје.

Пред извесно време полицијата открила 18 бази за оружје и уапсила 9 лица. Во оваа фабрика за модификација, по проверките, полицијата утврдила дека станува збор за софистицирано оружје, по што некои од нив биле испратени на вештачење за да се потврди дали биле користени во одредени криминални настани.

Пред неколку месеци во парламентарната комисија за безбедност мнозинството предложи амнестија за доброволно предавање на оружје, но овој Предлог- закон се очекува да биде усвоен од новиот законодавен дом, кој ќе се констируира на 9 септември.