Тепање и договарање

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Европската фудбалска унија (УЕФА) побара да се испита насилното однесување на англиските навивачи на последниот натпревар на Европското првенство, вклучително и неколку стотици кои влегоа на стадионот Вембли без билети.

БЕЛОРУСИЈА - Белоруската полиција изврши рација во канцелариите на 12 невладини организации, вклучувајќи го центарот за човекови права Вјасна и белорускиот хелсиншки комитет во услови кога авторитарниот владетел Александар Лукашенко дополнително ја зајакнува неговата борба против противниците и неистомислениците.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Босанската полиција го уапси шефот на Агенцијата за разузнавање, Осман Мехмедагиќ во рамки на истрагата што вклучува перење пари и фалсификување документи. Тој е приведен на барање на државните обвинители под сомнение за злоупотреба на положба, фалсификување документи за лична идентификација и перење пари, изјави портпаролот на полицијата во Сараево, Мирза Хаџиабдиќ.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека бројката на вакцинирани не е доволна и дека ситуацијата со новозаболени за месец и половина ќе биде загрижувачка, особено со почетокот на сезоната на фудбалски и кошаркарски натпревари. Тој притоа најави воведување на лотарија како стимулативна мерка.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против четири лица за тендерот за двокатните автобуси на ЈСП. Како што соопшти Јавното обвинителство, при спроведување постапка за јавна набавка, обвинетите како соизвршители ја искористиле својата службена положба и овластување и спротивно на Законот за јавни набавки, прибавиле корист за економскиот оператор од Република Кина. Обвинетите незаконски го фаворизирале и со него склучиле договор за набавка на 202 двокатни автобуси. Со извршените дејствија тие нанеле штета на Буџетот во износ од 293.773.226,00 денари или 4.772.920 евра.

МАКЕДОНИЈА - Ние не можеме да воведеме и никаде во светот оваа вакцинација не е задолжителна, затоа мораме да размислуваме за некои алтернативни решенија, на пример да се присуствува на настани со масовно присуство, дали на затворено, дали на отворено, дали во кино, на културни настани, само со таков сертификат и тоа е нешто што можно е да го препорачаме од есенските месеци, сега во месец јули и во август, кога има многу патувања и фреквенција на луѓето да ставиме акцент на сите овие активности кои ги правиме за да го зголемиме опфатот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Фотографијата е ислустрација.

ПАКИСТАН - Пекинг го повика Пакистан строго да ги казни одговорните за експлозијата на автобус, во која загинаа 9 кинески државјани кои работеле на хидроелектричен проект во северен Пакистан, во близина на границата меѓу двете земји. Кина го гради хидроенергетскиот проект Дасу во Горен Хоистан, според инвестицискиот план што е дел од иницијативата за појаси и патишта во Пекинг.

САД - Министерството за правда на САД соопшти дека четворица ирански државјани се обвинети за заговор за киднапирање на американски новинар кој известува за кршењата на човековите права на иранската влада. Обвинетите се ирански разузнавач и тројца наводни членови на иранска разузнавачка мрежа кои наводно заговарале да го киднапираат новинарот со поддршка од страна на иранската влада.

БУГАРИЈА - Централната изборна комисија во Софија соопшти дека партијата Има таков народ на Слави Трифонов со освоени 24,08 проценти од гласовите е победник на предвремените парламентарни избори во земјата. Потоа следи ГЕРБ-УДФ со 23,51 отсто, БСП со 13,39 отсто, Демократска Бугарија освои 12,64 отсто, Движење за права и слободи (ДПС) 10,71 отсто, а коалицијата Исправи се! Мафијата надвор! доби 5,01 проценти од гласовите.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин ги опиша Русите и Украинците како еден народ и изјави дека Украина може да биде стабилна и успешна само доколку одржува пријателски врски со Москва.

ФРАНЦИЈА - Во Франција денеска се одбележА националниот празник - Денот на падот на Бастилја - со воена парада, што минатата година не се одржа поради пандемијата на коронавирусот.