Во Русија се очекува едно од најтоплите лета

Цистерни прскаат вода во центарот на Москва на 7 јули 2021 година поради жешкото време

Руските метеоролошки служби објавија дека очекуваат едно од најтоплите лета досега поради влијанието на климатските промени, а во јуни тие веќе го соборија топлотниот рекорд. „Според нашите први прогнози, просечните температури ќе бидат високи во вториот дел од јули и во август“, рече Роман Вилфанд, метеоролог од агенцијата „Росгидромет“, проценувајќи дека „сигурно е можно“ овој летен период да биде најтопол досега регистриран во Русија. „Просечната температура во европскиот дел на Русија, од Крим до Мурманск и Архангелск, беше највисока од почетокот на мерењето пред 130 години“, рече Вилфанд.

Вечниот мраз на Сибир се одмрзнува, научниците зачудени

Тој објасни дека климатските промени го менуваат движењето на воздухот во атмосферата и создаваат големи контрасти на температурата помеѓу Арктикот и јужните области. „Значи, има се повеќе антициклони во северните делови на Русија, што ги зголемува ризиците од шумски пожари“, рече тој. Научниците веруваат дека Русија, а особено Сибир и Арктикот, спаѓаат во зоните кои се најмногу изложени на климатските промени. Во последните неколку години Русија бележи рекордни горештини и огромни и необични шумски пожари. Во јуни лани беа измерени 38 степени Целзиусови во Вехојанск, во близина на Арктичкиот круг, што е највисока температура забележана од почетокот на мерењата на крајот на 19 век.