Бројката на жртви од пожарот во болница во Ирак се искачи на 92 лица

Болницата во Ирак

Бројот на жртвите во во пожар во Болница во Ирак каде се лекуваат заболени од коронавирус се искачи на 92 лица. Околу 100 се повредени во пожарот, веројатно предизвикан од експлозија на резервоар за кислород во одделот за изолација во болницата во јужниот град Насирија, соопштија здравствените власти.

Насирија се наоѓа на околу 375 километри јужно од Багдад. Здравствените власти соопштија дека пожарот е ставен под контрола. Премиерот Мустафа ал-Кадими одржа итни состаноци со високи министри и нареди апсење на одговорните лица, вклучително и управителот на одделот за изолација на заболените од Ковид-19, се вели во соопштението на неговиот кабинет. Премиерот ја нарече катастрофата „длабока рана во свеста на сите Ирачани“.

Во април, во пожар предизвикан од експлозија на резервоар за кислород во болница за Ковид-19 во Багдад загинаа најмалку 82 лица и беа повредени 110 други. Ирачкиот здравствен систем се бори да се справи со кризата со коронавирусот, од кој починаа 17.592 луѓе и беа заразени повеќе од 1,4 милиони.