Запрено враќањето на руски бизнисмени кои живеат во странство

Рускиот деловен правобранител Борис Титов

Запрена е кампањата за враќање во Русија на руски бизнисмени од таканаречената Лондонска листа, поради сомнение дека тие може да бидат уапсени откако ќе пристигнат во земјата. Кампањата ја започна и ја тераше рускиот деловен правобранител Борис Титов. Тој поднел извештај до рускиот претседател Владимир Путин, чии делови вчера објави новинската агенција РИА Новости. Титов во извештајот вели дека запира со кампањата оти Канцеларијата на генералниот обвинител не гарантира дека руските бизнисмени нема да бидат уапсени во Русија.

Според извештајот на Титов, околу 136 руски бизнисмени кои живеат во странство се пријавиле да се вратат во Русија. Од нив 12 се вратиле. Се разгледуваат апликациите на уште 10 лица, кои се во фаза на обработка, се вели во извештајот.

Правобранителот Титов ја започна кампањата на почетокот на 2018 година откако се сретна со десетици руски бизнисмени во Лондон, од кои многумина се бараа во Русија за наводни финансиски и други малверзации. Тогаш тој рече дека многу од бизнисмените сакаат да се вратат во Русија и да соработуваат со руските органи, под услов да не бидат веднаш уапсени и сместени во притвор.

Бизнисменот Андреј Каковкин беше првата личност која ја искористи кампањата на Титов и се врати во Русија од Лондон во февруари 2018 година.

Во октомври 2019 година, Каковкин беше осуден на три години затвор под обвинение за проневера.