Гама сој на ковид-19 регистриран во БиХ

Во Босна и Херцеговина кај странски државјанин е потврдено присуство на гама сој на корона вирусот, потврди за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа шефот на лабораторијата за молекуларно-генетички испитувања во Сараево, Теуфик Голетиќ.

Станува збор за бразилскиот сој од корона вирусот. Примерокот бил земен на 5 јули, а денеска официјално е потврдено дека е позитивен на гама сојот од ковид-19. Голетиќ изјавил дека станува збор за странски државјанин кој бил во посета на БиХ. Тој додава дека гама и делта подвидови на вирусот спаѓаат во групата на варијации на вирус кои што предизвикуваат загриженост.

„ Кога станува збор за гама сојот, тој се разликува од другите варијации по тоа што, е помалку чувствителен на комбинација на некои антитела од една страна, а од друга страна успешно може да предизвика реинфекција односно повторно појавување на болеста кај оние кои веќе стекнале некаков имунитет на природна основа, односно веќе еднаш го прележале вирусот,“ вели Голетиќ.

Според последните податоци во изминативе 24 часа во БиХ се регистрирани вкупно 12 нови заболени со ковид-19 и 6 лица починале од последици од коронавирусот.