Џејмсбондовци и громови
МАКЕДОНИЈА - Најмалку четири лица се повредени при тепачката која избила вчера во кумановскиот затвор К’шање. Во физичката пресметка со остар предмет бил ранет и еден вработен од кумановскиот затвор.
МАКЕДОНИЈА - Џејмс-бондовски сценарија даваше како искази сведокот на обвинителството Аленсандар Василевски - Нинџа, тврди одбраната на обвинетиот Спиро Ристовски во завршните зборови за предметот - Организатори на насилниот упад на 27 април во Собранието. Адвокатот Гоце Ристевски, истакна дека овој сведок дал контрадикторни изјави со кои го инволвирал и обвинетиот Ристоски. Тој тврди дека од обезбедените листинзи на телефонски разговори може да се утврди дека Нинџа и Ристоски немале комуникација.
ИНДИЈА - Најмалку 38 луѓе настрадаа од громови во две индиски држави во изминатите 24 часа, соопштија денеска властите.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон денеска го осуди расистичкото наведување на тројца англиски репрезентативци кои промашија пенал во поразот од Италија во финалето на Европското првенство во фудбал.
ЕУ / МАЛТА - Европската комисија ќе разговара со Малта да ја повлече одлуката за затворање на границите за невакцинирани патници, изјави денеска еврокомесарот за правосудство Дидие Рејндерс.
САД - Уште четири тела беа пронајдени во урнатините од висококатница во Флорида, со што бројот на жртви се искачи на 90. Од пронајдените тела, 71 се веќе идентификувани, а 31 луѓе сè уште се водат како исчезнати, по уривањето на зграда од 12 ката на 24 јуни.
КУБА - Илјадници Кубанци излегоа на ретки протести против комунистичката влада во оваа карипска држава, а многумина од младите учесници извикуваа Долу диктатурата и Слобода.
НИГЕР - Најмалку 49 луѓе, вклучително и 40 вооружени напаѓачи, загинале во судирите во немирниот југозападен регион во Нигер, во близина на границата со Мали, соопшти владата на оваа африканска држава.
МАКЕДОНИЈА - Од денеска почна доброволно вакцинирање на деца од 12 до 16 години против ковид-19 со вакцината на Фајзер. Од денеска почна и вакцинирање против ковид-19 без закажување.