Најмалку 38 луѓе настрадаа од громови во две индиски држави во изминатите 24 часа, соопштија денеска властите.
Во западната држава Раџастан 11 луѓе загинаа од удар на гром во древната тврдина Амбер, соопшти полицијата.
Некои од жртвите снимале селфи на врвот на кулата на тврдината кога доцна синоќа ги удрил гром. Уште најмалку 9 луѓе загинаа, а 20 се повредени во одвоени удари на громови.
Во Утар Прадеш настрадаа 18 луѓе, главно земјоделски работници кои работеле во полето, соопшти владин претставник.
Индиската метеоролошка служба предупреди на удари на громови во наредните два дена.
Ударите на гром се вообичаени во монсунската сезона во Индија, која трае од јуни до септември.
Според официјални податоци, над 2900 луѓе загинаа од гром во Индија во 2019 година.