Антивладини протести во Куба, претседателот повика на контрапротести

Апсење на демонстранти во Куба

Илјадници Кубанци излегоа на ретки протести против комунистичката влада во оваа карипска држава, а многумина од младите учесници извикуваа „Долу диктатурата“ и „Слобода“.

Претседателот Мигел Дијаз-Канел вчера ги повика неговите поддржувачи да „се борат“ против демонстрантите во главниот град Хавана, Ова се најголемите антивладини протести на комунистичкиот остров со децении.

Протестите избија во ек на најголемата економска криза во Куба од распадот на Советскиот Сојуз, нејзиниот стар сојузник, и рекордниот пораст на заболени од коронавирус. Луѓето се гневни поради недостигот на основни стоки, ограничувањето на граѓанските слободи и начинот на кој властите се справуваат со пандемијата.

Новинарите на Франс прес објавија дека полицијата користела солзавец да ги растера насобраните, а биле користени и пендреци.

Антивладини протести во Куба

Повикувајќи се на очевидци во Хавана, Ројтерс објави дека безбедносните сили и полицајци во цивил уапсиле дваесетина демонстранти. Полицијата тепала демонстранти, а удиран бил и фоторепортер кој работи за Асошиејтед прес.
Неколку илјади демонстранти излегоа и на улиците на Сан Антонио де лос Банос, град на 30 километри југозападно од Хавана.

Во телевизиското обраќање до нацијата, претседателот рече:

„Дадена е наредба за борба – на улица, револуционери!“

„Ги повикувам сите револуционери во земјата, сите комунисти, да излезат на улиците каде што се случуваат провокациите, од сега и во следните неколку дена да се соочат со нив на одлучувачки, цврст и храбар начин“, рече тој.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан ја предупреди Куба против одмаздата врз луѓето кои излегле на протести.

„САД ја поддржуваат слободата на изразување и собири во Куба и силно ќе го осудат секое насилство насочено кон мирните демонстранти кои ги користат нивните универзални права“, напиша тој на Твитер.

Вашингтон со децении се спротивставува на комунистичката влада во Куба и има воведено жестоки санкции против нејзината економија.