Народот на Соединетите држави им се придружува на граѓаните на Босна и Херцеговина во сеќавањето на повеќе од 8.000 жртви на геноцидот во Сребреница, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен по повод 26-годишнината од геноцидот во Сребреница.
Во соопштението објавено на веб-страницата на Стејт департментот се вели дека Соединетите држави стојат покрај семејствата на оние кои ги изгубиле своите најблиски и со оние кои неуморно бараат правда.
„Трагичните настани од минатото потсетуваат на потребата да се работи заедно за подобра иднина, која ги вклучува сите граѓани на Босна и Херцеговина и е стабилна и просперитетна“, се вели во соопштението.
Блинкен наведува дека Соединетите држави длабоко го ценат нивното долгогодишно пријателство со Босна и Херцеговина и дека САД остануваат непоколеблив партнер во градењето на демократска Босна и Херцеговина.
„Додека размислуваме за оваа годишнина, ја потврдуваме нашата посветеност да работиме за да се спречат идните злосторства“, рече Блинкен.
Денес 19 жртви на геноцидот во Сребреница беа погребани во Меморијалниот центар Поточари во близина на Сребреница.