Пристигнаа 100 илјади вакцини „Астра Зенека“ донација од Грција

Вакцината „Астра Зенека“. Илустрација.

Министерот за здравство Венко Филипче објави дека денеска пристигнала донацијата од 100.000 вакцини на производителот „Астра Зенека“ од Грција.

„Донацијата е на лична иницијатива на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, што му ја има ветено на нашиот претседател на Владата, Зоран Заев. Уште еднаш се потврдуваат добрососедските односи и поддршка кои се особено значајни во време на пандемија. Голема благодарност до грчкиот народ, Владата на Република Грција и амбасадорот на Грција во нашата земја, Н. Е Русос Кундурос со кој утрово ги пречекавме вакцините. Истите веднаш ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови и наменети за лица над 60 години согласно нашата стратегија за вакцинација“, напиша Филипче на неговиот фејсбук профил.

Тој посочува и дека вакцинацијата се забрзува и од понеделник сите граѓани ќе може без закажан термин да се вакцинираат. Во последните 24 часа регистрирани се десет нови случаи на Ковид-19 од направени 2.960 тестирања, петмина оздравени пациенти и еден починат.