Малта прва земја членка на ЕУ што нема да прима невакцинирани посетители

Угостителски објект во Малта. Ковид мерки. Илустрација.

Малта ќе забрани влез на сите посетители во земјата од среда, освен ако не се целосно вакцинирани против Ковид-19, изјави денеска министерот за здравство Крис Ферн. Негативните тестови за вирусот повеќе нема да бидат доволни за да се добие пристап до малиот медитерански остров.

„Ние ќе бидеме првата земја на ЕУ што ќе го стори тоа, но треба да го заштитиме нашето општество“, рече Ферн на прес-конференција.

Во Малта има двојно зголемување на нови случаи на Ковид-19. Туристите до денес можеа да дојдат на Малта со сертификат за вакцинација или со негативен тест. Единствен исклучок се британските туристи кои и досега мораа да бидат целосно вакцинирани поради застапаеноста на варијантата Делта во државата.

Ферн рече дека неодамнешниот скок на нови случаи е поради посетителите кои, иако направиле негативен тест пред да се качат на авионот, тие биле невакцинирани. Мнозинството од нив биле млади луѓе кои посетувале училишта на англиски јазик. Ваквите училишта ќе бидат затворени од среда. Министерот рече дека Малта ги признава само сертификатите за вакцинација издадени од Европската унија и Велика Британија. Ферн рече дека таканаречениот „зелен сертификат“ на ЕУ во моментов ги опфаќа луѓето кои се целосно вакцинирани или имаат тест или се опоравиле од вирусот.

„Од среда ќе го признаеме само тој дел од сертификатот на ЕУ за луѓето кои се целосно вакцинирани“, рече тој.

Единствен исклучок ќе бидат невакцинираните деца на возраст од 5-12 години, на кои ќе им биде дозволен влез во Малта доколку имаат негативен тест и се придружени од целосно вакцинирани родители. Малта целосно вакцинираше 79 проценти од возрасната популација и се обидува да ја зголеми оваа бројка на 85 отсто.