Каматата за кредитот од кинеската ЕКСИМ банка, преку која се инвестира во изградбата на првата делница на автопатот во Црна Гора е намалена, што на годишно ниво ќе донесе заштеда од 8 милиони евра, изјави министерот за финансии и социјална грижа Милојко Спајиќ.
„Ја намаливме каматната стапка на долгот кон кинеската ЕКСИМ банка од 2 отсто доларски, на 0,88 отсто во евра, и таа заштеда директно ќе оди во буџетот на Црна Гора. Разликата од претходната и новата камата е 8 милиони евра на годишно ниво“, рече вчера тој.
На новинарско прашање дали тоа значи дали доларскиот кредит за автопатот е заменет, Спајиќ одговори дека тоа „не е класична замена“, туку договор со банките со кој се намалува каматата.
Црна Гора се задолжи за 944 милиони долари на период од 20 години кај кинеската ЕКСИМ банка за изградба на приоритетната делница од автопатот Бар – Бољаре од 41 километри, и дополнително уште 90 милиони за пристапни патишта.
Во април годинава Подгорица упати официјално барање до Европската комисија во кое бара помош од европските институции за порамнување на кинескиот долг направен поради автопатот.
Црногорската економија, во голема мера зависна од туризам, лани забележа пад од 15 отсто поради пандемијата. Како резултат на задолжувањето за автопатот, кон Кина е една четвртина од јавниот долг на Црна Гора, кој минатата година достигна 103 отсто од БДП.