Еден починат и десет нови случаи на ковид-19

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Во последните 24 часа регистрирани се десет нови случаи на ковид-19 од направени 2.960 тестирања, петмина оздравени пациенти и еден починат, соопшти Министерството за здравство повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје.

Во Скопје се регистрирани пет нови случаи на ковид-19, во Тетово четворица и во Битола еден. Во болнички услови почина еден пациент (64) од Струмица. Регистрирани се и петмина оздравени пациенти и тоа тројца од Скопје и по еден во Крива Паланка и во Берово.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.770, на оздравени пациенти е 150.123, а на починати 5.487. Активни се 160 случаи.

Во меѓувреме се одвива и вакцинацијата против ковид-19. Според податоците на Министерството за здравство заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 408.953 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.355 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.393 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 652.680 дози вакцини, а ревакцинирани се 243.727 граѓани.