Над 2.000 новозаразени во Грција, потврдени 67 нови случаи со делта сојот

Плажа во Грција

Веќе трет ден во Грција, бројот на новозаразени со коронавирус бележи нагорен тренд, а денеска по пауза од месец и половина се регистрирани над 2.000 нови случаи на ковид-19, а потврдени се и уште 67 случаи од делта сојот.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатите 24-часа регистрирани се 2.107 новозаразени, починаа десет лица, а 153 се приклучени на апарати.

Најголемиот број, повеќе од половина нови случаи, односно 1.115 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а 241 на островот Крит.
Најголемиот број случаи на делта-сојот се регистрирани во градот Ираклио на Крит и во Атика, но ги има и во други градови.

Просечната возраст на новозаболените се намалила за 10 години и сега изнесува 23 години, а секој десетти хоспитализиран е помлад од 24 години. Во земјата има околу 9000 активни случаи.