Вонредна состојба во Јапонија на две недели пред Олимписките игри

илустрација, триатлон

Јапонската влада соопшти дека се прогласува нова вонредна состојба поради пандемијата со ковид-19 на само две недели пред почетокот на Олимписките игри кои треба да се одржат во Токио. Новата вонредна состојба ќе биде на сила до 22 август.

Медицинските експерти со недели велат дека немањето гледачи на Олимписките игри ќе биде најмалку ризична опција поради широко распространетата јавна загриженост за ризикот дека Игрите ќе поттикнат нови бран на инфекции. Организаторите веќе забранија странски гледачи и им поставија ограничување на домашните гледачи на 50 насто од капацитетите.

Претходно Меѓународниот олимписки комитет соопшти дека Олимписките игри во Токио годинава ќе бидат безбедни и за спортистите кои што ќе учествуваат и за јавноста, односно публиката која ќе присуствува.

Тогаш шефот на Комитетот Томас Бах рече дека 80 проценти од жителите на Олимпиското село ќе бидат вакцинирани пред одржувањето на игрите кои се закажани за 23 јули. Тој во својот говор пред еден месец во Токио ги отфрли повиците за откажувањето на Олимписките игри, посочувајќи дека спортските настани докажеле дека Олимпијадата може да се одржи со силни превентивни мерки.