Илјадници луѓе во Грузија го осудија анти-ЛГБТ насилството

Илјадници демонстранти се собраа во грузискиот главен град Тбилиси за да го осудат насилството врз припадници на ЛГБТ заедницата и новинарите за време на протестите в понеделникот. Припадниците на ЛГБТ заедницата на 5 јули беа принудени да го откажат одржувањето на маршот „Парада на Гордоста- Тблиси“ откако гневна група демонстранти нападнаа активисти и новинари.

Најмалку 50 новинари беа нападнати од толпи на различни локации, вклучително и двајца допинсици од грузискиот сервис на Радио Слободна Европа. Илјадници луѓе синоќа одржаа тивок собир пред Парламентот за да го осудат насилството и да покажат поддршка за повредените новинари. Многумина на протестите вееја знамиња на ЕУ и виножито, додека полицијата овој пат постави кордон за да ги заштити. Локалните медиуми јавуваат дека анти-ЛГБТ демонстранти се обидоа да извршат напади, но полицијата додека траеше протестот на ЛГБТ Заедницата ги задржа настрана.

По завршувањето на протестот, полицијата им дозволи на анти- ЛГБТ демонстранти да влезат во областа и тие го симнаа и изгореа знамето на ЕУ кое висеше пред Парламентот.

Грузија не е земја-членка на ЕУ, но се стреми да се приклучи на блокот.

Дипломатските мисии на САД и ЕУ во Грузија, како и амбасадите на уште 16 земји, излегоа со заедничко соопштение во кое ја повикуваат грузиската влада да го заштити уставното право на луѓето да се собираат мирно.

„Насилството е едноставно неприфатливо и не може да се оправда“, се додава во соопштението.

Организаторите на Парадата на Гордоста и активисти за заштита на човекови права ја обвинија владата за поддршка на говорот на омраза.

„Насилни екстремно десничари толпи поддржани од Црквата и охрабрени од неверојатно неодговорната изјава на премиерот се собраа во центарот на Тбилиси за да спречат марш на гордоста, да напаѓаат новинари и да упаднат во канцеларијата на гордоста“, пишува во коментарот на Хјуман рајтс воч на официјалниот Твитер профил.

НАТО го осуди насилството, за кое рече дека е во спротивност со „нормите и вредностите“ на алијансата.

„Силно го осудувам насилството што се случи оваа недела, кое беше директно противречно на нормите и вредностите на НАТО, вклучително и правото на собирање, правата на малцинствата и почитувањето на медиумите. „Работев многу години за да ги поддржувам реформите во Грузија и нејзиниот напредок кон евроатлантските интеграции. Овие настани беа длабоко разочарувачки и назадување за Грузија“, рече заменик-помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика Џејмс Апатурај.