Најдоцна до петок ВМРО-ДПМНЕ ќе ја достави резолуцијата до Собранието

Тимчо Муцунски

Најдоцна до петок ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ќе ја поднесе резолуцијата за евроинтеграцискиот пат на земјата и одредување на црвените линии, најави денеска пратеникот Тимчо Муцунски на прес-конференција.

„Содржината е целосно избалансирана и како таква може да биде од голема помош за Владата на Република Македонија во спроведување на нашиот надворешно политички приоритет, затоа што содржината е добра намера и со позитивен контекст којшто може да помогне во натамошно градење на добрососедските односи на рамноправен и принципилена основа и во прилог на забрзување на нашите евроинтеграциски процеси“, смета Муцунски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи пак во изјава за „Утрински брифинг“ денеска изјави дека целиот процес треба да почне од нула, затоа што, како што посочува, се плаши дека може од државна со ваква Резолуција да преминеме во етничка позиција.

Муцунски смета дека изјавата на Османи е параван на теснопартиските изјави на ДУИ и дека содржината на оваа резолуцијата произлегува од ставови дадени од врвни научни иституции во нашата држава и од луѓе со различен етничка позадина.

„Нема што да се преговара. Може да се разговара за некои детали, но дали тука во Собранието може да подготвиме нешто што е подготвено во МАНУ, од УКИМ, јас не гледам. Ова е содржината за која што треба да разговараме и во Собранието да дебатираме, па да видиме дали има можност за консензус“, изјави Муцунски.

Засега, како што кажа, состанок со СДСМ не е договорен.