ДУИ против резолуцијата за Бугарија, Алијанса и Алтернатива воздржани

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи

ДУИ бара од ВМРО ДПМНЕ да биде конструктивна опозиција и со своите потези да не им наштетат на евроинтегративните процеси. Од партијата не се согласуваат со предложениот текст на Резолуцијата со која се исцртуваат црвените линии за идентитетските прашања.

По денешните средби на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со свои колеги од ДУИ и од Алијансата на Албанците за поддршка на нивната резолуција за евроинтеграцискиот пат на земјата, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми изјави дека е потребно усогласување на текстот на резолуцијата помеѓу сите парламентарни партии за да се осигураат дека тоа не му наштетува на нашето чекорење кон ЕУ.

„ДУИ смета дека јазичниот, историскиот и културниот идентитет не е прашање за дискусија и не е прашање за политичко договарање. Цениме дека е потребно усогласување на текстот на резолуцијата помеѓу сите парламентарни партии и да се осигураме дека тоа не му наштетува на нашето чекорење кон ЕУ,“ рече Адеми по средбата со пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Резолуцијата за Бугарија на ВМРО-ДПМНЕ сега прифатлива и за СДСМ

Халил Снопче, од коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива изјави дека ги слушнал образложенијата на неговиот собраниски колега и оти останува тоа да го пренесе во партијата. Тој изрази надеж дека за резолуцијата ќе има дебата во Собранието.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ предложи резолуција за евроинтеграцискиот пат на државата, а во изминатите два дена лобираше во парламентарните партии таа да биде прифатена. Резолуцијата доби поддршка од македонските партии од власта СДСМ, ДОМ, ЛДП и ДС.