Белорускиот опозиционер Виктор Бабарика осуден на 14 години затвор

Виктор Бабарика - е поранешен банкар и важеше за најсериозен кандидат против Лукашенко на претседателските избори што беа одржани на 9 август 2020 година.

Белорускиот опозиционер Виктор Бабарика, кој сакаше да учествува на претседателските избори во август 2020 година против Александар Лукашенко, но беше уапсен неколку недели претходно, денеска е осуден на 14 години затвор за корупција.

„Виктор Бабарика е осуден на 14 години затвор, а казната ќе ја издржува во казнено-поправната колонија со зголемено обезбедување“, соопштија на Твитер приврзаниците на опозицијата.

Бабарика е осудена за примање мито и перење пари, објави белоруската невладина организација „Вјасна“ повикувајќи се на пресудата на Врховниот суд.

Обвинителот побара строга казна за потенцијалниот противник на Лукашенко, а бидејќи пресудата беше изречена од Врховниот суд, Бабарика беше спречен да ја обжали тужбата.

57-годишниот Виктор Бабарика е поранешен банкар и важеше за најсериозен кандидат против Лукашенко на претседателските избори што беа одржани на 9 август 2020 година.

Опозиционерот исто така беше осуден на парична казна од околу 45.000 евра и му беше изречена забрана да извршува раководни позиции.

Обвинителството тврди дека Бабарика сторил кривични дела додека бил на чело на „Белгазпромбанка“ - белоруска филијала на банката што му припаѓа на рускиот гигант „Гаспром“.

Уште седуммина поранешни вработени во таа банка, кои ја признаа вината и сведочеа против Бабарика, беа осудени на три до шест години затвор, пренесува Бета, повикувајќи се на Франс Прес.

Александар Лукашенко беше прогласен за победник на изборите во август 2020 година, што предизвика протести на десетици илјади Белоруси кои тврдат дека изборите биле наместени.

Демонстрациите траеја со месеци бидејќи Белорусите бараа заминување на Лукашенко кој е на власт од 1994 година.