Литванија ја обвинува Белорусија за наплив на мигранти

Слики на мигранти приведени на границата Литванија - Белорусија

Во Литванија продолжуваат да доаѓаат мигранти преку нејзината граница со Белорусија, велат литванските власти и додаваат дека Минск намерно го прави тоа како одмазда за западните санкции. Западот воведе санкции против белорускиот лидер Aлександар Лукашенко за начинот на кој се справува со продемократските активисти и опозициските политичари.

На границата меѓу Белорусија и Литванија во изминатите 24 часа биле приведени 150 илегални мигранти, соопшти денеска литванската државна служба за безбедност. Тоа е речиси двојно поголем број на приведени за илегално минување на границата од приведени за цела 2020.

Од јануари годинава се приведени 822 илегални мигранти, главно од Ирак, кои нелегално влегле во Литванија од Белорусија, се додава во соопштението.
Литванските власти тврдат дека белоруските граничари замижуваат пред мигрантите додека тие ја преминуваат границата и влегуваат во земјата, која е членка на ЕУ.

Литванија е една од најгласните критичари на Лукашенко и се залага за неговите противници.

Балтичката држава понуди засолниште на лидерката на белоруската опозиција, Свјатлана Цихануаскаја, за која опозициските приврзаници велат дека е вистинскиот победник на ланските избори за претседател на Белорусија. Во Литванија многу белоруски опозиционери се во егзил, а односите меѓу двете земји се влошија, па тие си протераа и голем дел од дипломатите.

Поради приливот на мигранти, Вилнус побара помош од службата за гранична полиција на ЕУ, Фронтекс.