Најмалку едно лице загина, а пет се повредени во експлозијата во романската рафинеријата Петромидија која се наоѓа на Црното Море, соопштија тамошните власти.
Причината за експлозијата допрва треба да се утврди, соопштија официјалните лица.
Снимките направени од турист, кој се наоѓал на блиската плажа, емитувани од телевизијата Диги24, покажуваат црн чад како се издига од областа покрај рафинеријата. Рафинеријата е во сопственост на Ромпетрол Рафинаре, сопственост на казахстанската меѓународна групација Казмунајгас (КМГ).
Спасувачки екипи и пожарникари работат на гаснење на пожарот, изјави Силвиу Коса, главен на округот каде се наоѓа рафинеријата. Тој додава дека нема ризик пожарот да предизвика уште една експлозија.
Премиерот Флорин Циту на својата страница на Фејсбук им порача на локалните власти да проценат дали е потребна евакуација на локалното население и туристите.
Рафинеријата е изградена за време на комунизмот и е најголемата рафинерија во Романија. Рафинеријата се наоѓа на само неколку километри северно од црноморското пристаниште Констанца и во непосредна близина на Мамаја, најголемото одморалиште во земјата.
Во 2019 година, КМГ соопшти дека инвестирала околу една милијарда долари во модернизација на Петромидија.