Пендаровски-Рикер: потврдени партнерските односи на Скопје и Вашингтон

Охрид- Македонскиот претседател Стево Пендаровски и Филип Рикер, вршител на должноста помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, 02.07.2021

Остварувањето на надворешно-политичките приоритети на Република Северна Македонија, унапредување на односите со Соединетите Американски Држави, интеграцијата на земјава во Европската унија и актуелните состојби во регионот биле теми за кои денеска во вилата Билјана во Охрид разговарале македонскиот претседател Стево Пендаровски и вршител на должноста помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Филип Рикер.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, соговорниците ги потврдиле партнерските односи меѓу двете земји, одличната соработка и сојузништвото во рамки на НАТО Алијансата, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите останати области.

„САД се наш долгогодишен сојузник и принципиелен поддржувач на реформите во областа на одбраната и безбедноста, владеењето на правото и независноста на судството, јавната администрација. Остануваме посветени на зацврстување на стратешкото партнерство и поттикнување на уште подлабоки пријателски односи меѓу двете земји“, истакна на средбата претседателот Пендаровски.

Претседателот посочи дека членството во ЕУ останува стратегиска цел и дека Унијата мора да изнајде начин да го вреднува досега сработеното и да овозможи дебоклокада на евроинтеграцискиот процес

.„Секое натамошно одложување на почетокот на преговорите го зголемува евроскептицизмот кај граѓаните и негативно се одразува на политичките состојби во земјата“, додаде претседателот Пендаровски на средбата со Рикер.

Американскиот дипломат кој во својата кариера беше и амбасадор во Македонија, сега престојува во земјава како учесник на Преспа форумот за дијалог, организиран од македонското министерство за надворешни работи.